Во моментов во Владина процедура е постапката за прогласување на Белчишкото Блато за заштитено подрачје во категорија IV Парк на природата. Прогласувањето на Белчишкото Блато за заштитено подрачје ќе значи многу за Дебрца вели градоначалникот Зоран Ногачески.
Нашата заложба години наназад е Белчишкото Блато, најсочуваното од категоријата на блатни системи во Македонија да си го добие заштитениот статус, бидејќи тоа е и дефинирано како идно заштитено подрачје во рамки на Натура 2000 и тоа ќе значи обезбедување на една целосна негова заштита, но и негово одржливо управување и искористување на неговите туристички потенцијали, додаде Ногачески.
Предлогот за прогласување на ова подрачје за заштитено е поткрепен со Студија за валоризација на Белчишко Блато-Парк на природата изработена во согласност со Законот за заштита на природата и е основа за подготовка на Предлог Закон за прогласување на Белчишко Блато за заштитено подрачје.
Ногачески потсети и на неодамна отворениот нов Изложбен центар на Белчишкото Блато, со што како што посочи сите активности одат во насока да се искористат сите природни ресурси за развој на туризмот во Дебрца.
Инаку, според последната информација објавена на фејсбук профилот на градоначалникот Ногачески, Белчишко Блато има постојана издашност од 2-3 m3/s вода, што теоретски, стои во објавата, е доволно за водоснабдување на град со околу 400.000 жители.
Н.С.Ј.