Нобеловата награда доделена во 1963 година на професор од Кембриџ за револуционерната работа на полето на централниот нервен систем е продадена синоќа на аукција во Лос Анџелес за близу 800 илјади долари. Како што пренесуваат агенциите, медалот од 23-каратно злато, кој бил врачен на британскиот физиолог и биофозичар Алан Лојд Хоџкин го купил анонимен колекционер. Почетната цена на медалот, кој на една стрна го има изгравираниот лик на Алфред Нобел, а на другата името на лауреатот и годината кога е предаден, била 450 илјади долари.

 

Во мај една Нобелова награда на аукција достигна цена од 765 илјади долари. Од почетокот на 2014, преку лицитација, продадени се десетина Нобелови медали. Нобеловата награда за мир, која во 1936 година ја освои аргентинскиот правник и политичар Карлос Саведра Ламас, минатата година беше продадена за 1,16 милиони долари. Сепак, медицината го држи апсолутниот рекорд. Имено, Нобеловиот медал кој во 1962 е доделен на американскиот научник Џејмс Вотсон за откривањето на структурата на ДНК, достигна астрономска цена од 4,76 милиони долари на аукција одржана во декември минатата година.