Сувото и стабилно време изминатите два дена повторно го врати загадениот воздух. Иако важи за град со чист воздух и жителите на Охрид ги чувствуваат последиците од загадувањето. Тоа според стручните лица во најголема мера се должи на се уште традиционалниот начин на затоплување со дрва и неконтролираната и интензивна градба, која овозможи речиси преку ноќ на место на куќи да никнуваат облакодери.
Според податоците на мерните единици од системот на Државниот инспекторат за животна средина – ДИЖС, највисока концентрација на штетните ПМ 10 честички, ноќеска половина час по полноќ, измерена е кај Гимназијата 141,97 микрограми на метар кубен, што е нешто над 3 пати над нормалата (40 единици на м3). На истото место измерена е и повисока концентрација од дозволеното на уште поопасните ПМ 2,5 честички oд 67,22 мг/м3, кои се помали и уште подлабоко навлегуваат во дишните патишта на луѓето.
Мерната единица кај Општина Охрид во исто време измери присуство на ПМ 10 честичките во воздухот од 108,18 микрограми на метар кубен, а двојно повисоки вредности од нормалните измерени се и во Варош 81,03 мг/м3. Во Воска се измерени речиси 80 мг/м3, на Железничка, Радојца Новичиќ и ОЕМУЦ нешто над 60 мг/м3.
Г.М.