Викендов Скопје беше епицентар на обожавателите на цврстиот музички звук. Денсинг салата во Младинскиот Културен Центар беше премала да ги собере сите коишто сакаа да го проследат концертот на Hardfaced, по повод дваесет годишнината од нивното постоење.

Повеќе од петстотини луѓе уживаа во целовечерниот концерт на охридската хардкор и метал дружина. Меѓу нив разни генерации фанови и пријатели на бендот од скоро сите градови на Македонија, но и гости од соседна Србија и Бугарија.

Шансата први да се качат и да настапат на сцената ја имаа скопскиот емо постхардкор бенд You, кои со полчасовен сет ја загреаја публиката, која уште од самиот почеток покажа почит кон изведувачите и ја наполна салата.

По нив како главни гости настапија легендите на бугарската хардкор сцена Last Hope од Софија, кои во нивен претпознатлив и енергичен стил ги исвираа најпознатите хитови.

Публиката во видно расположение го дочека моментот за кој беа дојдени. Интрото и почетниот риф на песната “Born Loser” го означи почетокот на седумдесетипет минутниот сет внимателно одбрани песни од секој од четирите студиски албуми на Hardfaced. Хронолошки следуваа прво песните од првиот албум “More than hate”(2006): “Pain Remains”, “Hope” како и “Final Delusion”, на која како гостин вокал настапи Стефан Трајчески од бендот Primitive Dread. Вториот албум “Show them what they fear” (2009) беше презентиран преку песните: “Running Your own shadows”, “Flame still burns” и “Празна чаша”. Овие песни како басист гостин ги исвира поранешниот член Игор Снегар. Следуваа “Cold empty heart, “Двете зла” и “Dying Lake” од истоимениот трет албум, снимен во 2014 година за дискографската куќа Diehard Records.

Атмосферата во МКЦ наликуваше на Светски организиран настан, што во суштина и беше. За тоа помогнаа и специјалниот дизајн на светло и одличниот тон. Крајот на концертот беше резервиран за песните од последниот албум “Dreamless slumber at the shores of youth” (2020) кој претставува музички најкомплексен и продукциски најдобро реализиран албум. Сите во салата едногласно ги пееја моќните текстови и играа на ритамот, рифовите и гитарските соло делници на “Power of fear”, “Ножот крвав”, “Desolated”, “Феникс”, “Exhibitions of brutality” и “Implored by hate”.

Сегашната постава на Hardfaced, фронтменот и вокал Димитар Савески, гитаристите Јован Наумоски и Горан Вељаноски, басистот Љупчо Стефаноски и тапанарот Јордан Маленко беа наградени со громогласен аплауз и овации, кој резултираше со повторно враќање на сцената и повторување на уште две песни. Публиката на овој концерт беше “чиста петка”.

За сценскиот настап на бендот и атмосферата, повеќе на фото галеријата од Зденко Петровски.

Спектакуларен концерт на Hardfaced по повод 20 години постоење

Ф.А.Ж.