-Низ повеќе продавници, на пазарите и на тезгите низ Охрид се продаваат играчки со сомнителен квалитет и со сомнително потекло. Најчесто истите се без амбалажа или со амбалажа која е несоодветна за таа играчка. Исто така на играчките не е назначен составот од кој се направени и возраста на децата кои можат да си играаат со нив. Родителите кои купуваат вакви играчки ризикуваат по здравјето на своето дете, затоа што материјалот од кој е направена играчката може да содржи и отровни материи.-објаснуваат продавачите од неколку охридски продавници, во кои се продаваат оргинални играчки и реквизити за деца.
Тие објаснуваат дека единствена потврда за тоа дека играчката ги задоволува стандардите за квалитет на детските реквизити потврдува знакот ЦЕ.
-Овој знак е европски знак за квалитет, кој потврдува дека производот е сигурен и не наштетува на здравјето на луѓето, а тоа го констатирале соодветни надлежни служби. Но кинеските производители многу често го фалсификуваат овој знак за квалитет и наместо проверен квалитет, ЦЕ-ознаката на кинеските производи значи Кина-експорт.-нагласуваат продавачите на играчки.
Според Правилникот за својствата на детските играчки во Република Македонија, механичките, физичките, хемиските, електричните и хигиенските својства треба да бидат декларативно и уредно истакната на амбалажата од играчката, без разлика на производителот на истата. Исто така задолжително на видлив дел од амбалажата треба да биде назначена и најниската возраст на детето кое може да си игра со неа.