Нивото на водата во Охридското Езеро се наоѓа на котата 693,21, што е само 11 сантиметри над минималната кота утврдена во 1978 година која изнесува 693,10 метри надморска височина.
Јосиф Милески од Управата за хидрометеоролошки работи, која редовно ги мери водостоите во земјава, не информираше дека нивото на Охридското Езеро подолго време е во опаѓање и дека само од 1 септември до денеска тоа се намалило за 6 сантиметри.
Не е прв пат да има ваква состојаба на Охридското Езеро. Последен пат до критичното ниво езерто се доближило во 2002 година, а во 1990 година нивото се спуштило под минимумот. Причина за ваквата состојба е сушната година (најсушна од 1964 година), ни изјави Мирче Котески портпарол на ЈП ЕЛЕМ кое стопанисува со хидросистемите Глобочица и Шпилје кои вода добиваат од Охридското Езеро.
Не се испуштаат дополнителни количини вода за потребите на албанскиот електросистем кој се наоѓа во најголема криза, вели Котески. Според него во Црн Дрим во моментов се испуштаат само 7 метри кубни вода во секунда, односно толку колку што произведува Охридското Езеро.
Доколку продолжи да опаѓа нивото на Охридскот Езеро може да предизвика сериозни последиците не само врз екосистемот туку и врз изградените објекти на крајбрежјето, предупредуваат од Хидробиолошкиот институт, од каде на барање на владата неодамна бил изготвен извештај за состојбите со водостојот на Охридското Езеро.
Тие осцилации било да се тоа природни или вештачки вршат дополнителна абразија на крајбрежејето и предизвикуваат изумирање на голем број животински и растителни видови пред се во литоралниот дел на Охридското Езеро, вели професор д-р Здравко Крстановски од Хидробиолошкиот институт во Охрид.
Тој предупредува дека намалувањето на нивото на Охридското Езеро има реперкусии и врз геомеханичкиот состав на почвата не само во крајбрежјето туку и во самиот град. „Доколку падне водата под минималното ниво се создаваат празнини кои се услов за појава на тонење на почвата и на граджните објекти, а ќе предизвика и деградација на културното наследство односно на фреските во црквите лоцирани околу Охридското Езеро“, предупредува Крстановски. Според него нивото на вода во Охридското Езеро е критично и доколку сега се дозволи отворање на прагот кој го регулира испустот на водата во Црн Дрим ќе настане катастрофа со несогледливи последици. Но, смирува Крстановски, нивото не може да падне под котата 693,10 зошто на таа надморска височина е максимумот на испустот во Дримот.
Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство под чија надлежност е Охридското Езеро информираат дека состојбата со нивото на водата во Охридското Езеро внимателно се следи и дека ќе биде направено се, да не дојде до нарушување на природниот баланс во еко-системот.
Г. Момироски