По обилните врнежи од дожд и снег во изминатите два дена, нивото на Охридското Езеро бележи пораст и сега се наоѓа на 694 метри надморска височина, односно +25 сантиметри над максималната граница.

И покрај покачувањето на нивото на Охридското Езеро, од Координативното тело за справување со последиците од елемантарни непогоди велат дека состојбата е стабилна и под контрола. Водостојот на реките во сливот на Охридското Езеро е непроменет, а на критичните места екипи на Дирекцијата за заштита и спасување и Македонија пат преземаат мерки за заштита на населбите и инфраструктурата.

Во Охрид на повеќе локации во централното градско подрачје превентивно се поставени 10 000 вреќи со песок, а покрај оштетениот регионален пат Охрид – Св. Наум кај Пештани во езерото се поставени крупни камења за разбивање на бранови. Неколку илјади вреќи со песок се поставени и во струшките села Калишта и Радожда, додека на критичните делови на регионалниот пат Струга – Дебар се гради петметарски насип во должина од 360 метри кој треба да спречи натамошно излевање на реката Црн Дрим на коловозот.

OhridNews