Во Охрид во изминатите 24 часа, според податоците од Управата за хидрометеоролошки работи, наврнале 17 литри дожд на метар квадратен. Дополнителен проблем претставуваат и зголемените водотоци на реките и заситеноста на земјата со вода која не може да ги прима надојдените води. Од истекот на Охридското Езеро кај Струга во реката Црн Дрим се испуштаат 50 метри кубни вода во секунда, додека од преливната шахта кај акумулацијата „Глобочица“ во секунда се прелеваат 41 кубен метар вода.
Загрижува и високото ниво на Дебарското Езеро кое веќе е на 50 сантиметри од максимумот. До пред само десетина дена тоа беше повеќе од 4 метри од горната граница.
Расте и нивото на подземните води. Најкритично е во Пештани, но подземните води поплавуваат и подруми во градските средини, во комплексот кај болницата, Лескајца. Се излева и каналот Студенчишта, а во блатото големи површини се под вода.
На иницијатива на локалната самоуправа денеска во зградата на општината се одржа стручна трибина на која експерти од Хидробилошкиот институт, Билатералниот Секретаријат за заштита на Охридското Езеро, геолози, биолози, претставници на Спортското риболовно друштво„Свети Апостол Петар“, претставници на Друштвата за подводни активности, хидроинжинери, архитекти, претставници на „Проаква“ и други, дискутираа за причините и последиците од неповолната хидролошка состојба. Тие изразија загриженост поради високото ниво на езерото посочувајќи дека состојбата е алармантна и може да ескалира. Од дискутантите можеа да се чујат кртитики на начинот на кој ЕЛЕМ го врши регулирањето на водите од Охридското Езеро, со забелешка дека институциите ненавремено реагирале за да спречат несакани последици од зголемениот водостој. Експертите заклучија дека е потребно да се изработи научна студија која на властите во државата и општината, но и на институциите ќе им помогне навремено и превентивно да реагираат во вакви слични ситуации, а се постави и прашањето за ревизија на Билатералниот договор за регулирање на нивото на Охридското Езеро.