Нивото на Охридското Езеро денеска е на котата 693,09 метри, што е два сантиметри повеќе во однос на минатата седмица, но се уште под дозволениот природен минумум утврден на 693,10 метри надморска височина и осум сантиметри под дозволениот минимум утврден со Билатералниот договор со Албанија на 693,17 м.н.в.
Причина за нискиот водостој е исклучително неповолната хидролошка состојба предизвикана пред се од долготрајни сушни денови и мошне малку врнежи за овој период од годината, поради што е запрено и производството на електрична енергија во централите в долж реката Црн Дрим..
Временската прогноза укажува дека следува период на стабилно време без поголеми врнежи што дополнително ја усложнува ситуацијата.
Во уште полоша состојба е Преспанското Езеро кое денеска е метар и половина под апсолутниот минумум.
Месеци наназад целосно се пресушени локалитетите „завир“ и „врагодупка“ што се наоѓаат во албанскиот дел од акваторијата на езерото, за кои се смета дека се местата од каде водата од Преспанското Езеро понира и под Галичица доаѓа во Охридското Езеро.
Кога станува збор за Преспанското Езеро, речиси сите реки од езерскиот слив се целосно пресушени или со миминален дотек што уште ја влошува и онака неповолната хидролошка состојба.
OhridNews