Нивото на Охридското Езеро ја достигна нултата точка и се наоѓа на котата 693,17 метри надморска височина. Доколку неповолната хидролошка состојба потрае и натаму постои голема опасност Охридското Езеро да се спушти под критичната точка од 693, 10 метри надморска височина од која во моментов го делат само 7 сантиметри.
На оваа кота е поставена долната граница на регулаторниот испуст на Црн Дрим, што значи дека доколу езерто се спушти под неа, ќе престане и дотокот на вода во Дримот.
„Доколку Охридското Езеро падне под котата 693,10 метри надморска височина, Црн Дрим ќе почне да се суши зошто ќе биде прекината природната врска помеѓу реката и езерото. Водата постепено ќе се повлече кон хидроцентралите, а оттаму во Албанија и ќе ја снема од коритото на Дрим“ предупредува професор д-р Здравко Крстановски од Хидробиолошкиот институт од Охрид. Тој појаснува дека покрај регулаторот на истекот Црн Дрим има уште еден регулатор во самото корито, кој сигурно ќе биде вклучен доколку се влоши хидролошката состојба. Крстановски вели дека и друг пат нивото на Охридското Езеро драстично се намалувало но не се памти тоа да падне под минималната кота. Тој се надева дека есенските дождови ќе го спасат водостојот на Охридското Езеро и дека нема да дојде до посериозни нарушувања на екосистемот.
Поради неповолната хидролошка состојба од Охридското Езеро во Црн Дрим сега се испуштаат само 2,5 метри кубни вода во секунда што не е доволно за производство на електрична енергија порадио што хидроелектраните на Дрим не работат, соопшти ЕЛЕМ.
Г. Момироски