Нивото на Охридското Езеро неколку денови се наоѓа на еден сантиметар под нултата кота односно на надморска височина од 693,16 метри.
Поради сушата нивото на Охридското Езеро е во постајано опаѓање од почетокот на годината, а поради лошата хидролошка состојба од испустите во реката Црн Дрим се излеваат само 2,5 метри кубни вода во секунда што не е доволно за хидроцентралите на Дрим кои произведуваат помалку електрична енергија од предвиденото.
Од Хидроцентралата „Шпилје“ соопштија дека во првите девет месеци од годинава биле произведени 130 милиони киловат часови електрична енергија, што е реализација од 79% на планот за производство на енергија. Намаленото производство се должи на смалениот доток на вода во Дебарското езеро соопштија надлежните.
Експертите од Хидробиолошкиот институт од Охрид предупредуваат дека при ваква лоша хидролошка состојба, не смее да се испуштаат поголеми количества вода од Охридското Езеро за да се задоволат потребите на електросистемите во Макдонија и Албанија. Експертите стравуваат доколку и оваа зима биде сушна и без врнежи од снег како ланската, дека нивото на Охридското Езеро може да падне под дозволениот минимум што негативно ќе се одрази на целокупниот екосистем.
Горан Момироски