Нивото на Охридското Езеро и натаму опаѓа и за прв пат по повеќе години денеска е -1 сантиметар под минималната кота која се наоѓа на 693,17 метри надморска височина.

Експертите  стравуваат дека поради неповолната хидролошка  состојба нивото на Охридското Езеро ќе продолжи да паѓа и натаму, а сотојбата може да ја ублажат есенските дождови најавени за денеска.

По достигнувањето на критичната точка на  Охридското Езеро со реакција се јави и локалната самоуправа која побара од Министерството за земјоделство и ЕЛЕМ да преземат итни мерки за да се спречи можна  еколошка катастрофа .Во писмената реакција градоначалникот Александар Петрески побара од надлежните да се затворат испустите  на вода од езерото во Црн Дрим.

„Свесен сум дека  преземањето на ваков чекор неповолно ќе се одрази врз хидролошката состојба на реката Црн Дрим и акумулацијата на вода во хидроцентралата „Глобочица“, но верувам дека ќе се сложите и вие дека таквите потенцијални штети-во секој случај ќе бидат помали од можната еколошка катастрофа која му се заканува на Охридското Езеро доколку не се преземе ништо што е во наша моќ“, стои меѓу другото во писменото обраќање на охридскиот градоначалник до ЕЛЕМ и Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

ohridnews