Водостојот на Охридско Езеро бележи стагнација и нема промени во висината на нивото на езерото во однос на претходните денови,  соопштија денес од Координативното тело за справување со природни непогоди.

Од таму објаснуваат дека стагнацијата на водостојот се должи на тоа што во испустот во реката Црн Дрим денес изнесува 69 м3/с, а намален е дотекот на реката Сатеска која во Охридско Езеро сега се влева со 9м3/с, додека по старото корито на реката се пренасочени 8м3/с. Во претходниот период вливањето на Сатеска достигнуваше обем и од 40 м3/с.

 Екипи на Дирекцијата за заштита и спасување ги завршија активностите за уредување на коритото на реката Црн Дрим кај месноста Луково, до патниот правец Струга – Дебар каде е поставен земјен насип во должина од 350 метри, висина од 5 метри и широчина од 7 метри. Денес ќе започнат активности за уредување на вливот на реката Сатеска во Црн Дрим и ќе продолжат активностите за уредување на коритото на реката Далјан.

OhridNews