Откако викендов се искачи на 23 до 24 сантиметри над максималната граница, нивото на Охридското Езеро веќе два дена е непроменето. Сепак високиот востостој ги загрижува градските власти, кои стравуваат дека при евентуално влошување на временските прилики и појава на голем бран може да настанат несакани последици.

Градоначалникот на Охрид, Александар Петрески, вчера од седиштето на ЗЕЛС во Скопје упати критики до Владата дека  мерките за стабилизирање на водостојот на Охридското Езеро се задоцнети и несоодветни.

– Брановите ќе бидат уште поголеми и посилни така што поставувањето вреќи на брегот на Охридското Езеро е играчка и тоа е исто како да се браниме со чечкалица од слон. – рече Петрески. Тој предупреди дека во опасност е доведен патот Охрид – Св.Наум, кој е на удар на езерото и побара државата да преземе соодветни мерки за да го заштити.

Според Петрески за да се стабилизра состојбата со високото ниво на езерото потребни се неколку месеци, а за да не се повтори слична ситуација во иднина потребна е подобра грижа за Охридското Езеро. Тоа беше и еден од заклучоците на експертската расправа која викендов ја иницираше локалната самоуправа. Меѓу другото експертите побараа наместо ЕЛЕМ испуштањето на водата од Охридското Езеро да го регулира независна регулаторна комисија, а како една од мерките беше посочена и дислокација на  коритото на реката Сатеска.

OhridNews