Почетокот на пролетта во Елшани беше означен со работна акција за чистење на селото од цврст отпад. Акцијата се спроведе во саботата и во неа се вклучија триесетина жители на селото.


Сосема неочекувано пролетта започна со висока покривка од снег. Снегот ги имаше покриено површините кои беа цел на еколошката акција и со тоа го наруши првобитниот план за откривање и прибирање на цврстиот отпад расфрлан околу селото. Од друга страна снегот ја наметна потребата за негово отстранување од критичните точки, посебно во осојничавите места, каде се создаваат пречки во одвивањето на сообраќајот и врските со градот Охрид. По неколкучасовната акција патот и главните улици во селото беа расчистени, исчистен беше и пристапот до црквата „Св. Илија“ и другите поважни објекти во селото.


Пролетното чистење е првата акција за оваа година во која се планирани повеќе вакви активости. Таа истовремено е продолжение на акциите кои се спроведувани во текот на изминатите години под мототото „Да го направиме Елшани најчистото село во Македонија“.


Еколошката акција ја организираа Здружението на граѓани за туристичко, културно и еколошко одржлив развој на руралните подрачја „Евла 2009“ со седиште во Елшани и Институтот за традиционални вредности од Охрид.

OHRIDNEWS