Граѓаните на Охрид не доставиле ниту една пријава за мито и корупција во општинската администрација на јавниот телефон за пријавување на корпуција што пред околу една година го отвори општина Охрид. Неправилности во работењето на општинските службеници не биле пријавени ниту на е-маил адресата: [email protected], која беше специјално отворена за оваа намена.
Од Охридската локална самоуправа велат дека јавниот телефон за корупција бил искористен само во неколку наврати, кога граѓани се јавиле за да се пожалат од работењето на општинските службеници во одредени одделенија, но ниту една од поплаките не била за коруптивно работење.
-Ниту една од овие поплаки не може да се карактеризира како пријава за мито и корупција на општинската администрација, туку се работи за неколку изолирани случаи на изразување на незадоволство, кои одредени граѓани ги имале за начинот на работење на дел од службениците. За овие поплаки веднаш е реагирано кај посочените службеници со цел да не се повторат вакви или слични поплаки, велат од општина Охрид.
Оттаму информираат дека телефонскиот број за пријавување на корупција 046/262-469, функционира секојдневно и дека граѓаните и понатаму можат да пријават коруптивни неправилности во работењето на општинските служби.
-Отворениот телефон има за цел да ја подобри ефикасноста и одговорноста на општинската администрација и да ги спречи обидите за коруптивно однесување кај службениците. Сепак ги охрабруваме граѓаните доколку забележат вакви случаи веднаш да ги пријават со цел соодветно и навремено да се реагира. Пријавувањето на отворениот телефон е анонимно и оној кој пријавува не е должен да го открие својот идентитет, објаснуваат од охридската локална самоуправа.
Инаку општина Охрид е една од ретките општини во Република Македонија која има отворено јавен телефон и наменска е-маил адреса за пријавување на корупција. Јавниот телефон и е-маил адресата беа ставени во функција во средината на месец мај 2014 година.
Е.М