Без конкретна физичка заштита, не може да се заштити рибниот фонд поради што е потребно да се формирана посебна рибочуварска служба, сметаат спортските риболовци, кои деновиве покренаа петиција која ќе биде испратена до повеќе институции.
„Прво ќе ги известиме градоначалникот, инпекцијата во Охрид и Струга и командирот на Езерска полиција. Ако не се преземе ништо ќе ги известиме министрите за животна средина и земјоделство и премиерот, а доколку и државата не преземе нешто ќе побараме помош од странски невладини организации и ќе ја известиме Европската комисија за заштита на животната средина“, вели Радован Димитриески од спортско рибиловното друштво Св. Апостол Петар.
За време мрестот на охридската пастрмка, кога на сила е најстрога забрана за риболов, дневно во Охридското Езеро се фрлаат и по 5 километри мрежи, предупредуваат спортските риболовци. И покрај тоа што последните научни испитувања покажуваат драматичен пад на рибниот фонд на пастрмка, Охридското Езеро нема постојана физичка заштита, што им овозможува на робокрадците и натаму непречено да го уништуваат овој загрозен вид ендемска риба.
Рибокрадците ловат со забранет алат и пред објектот каде е сместена езерската полиција, а на отворено вешто ги одбегнуваат контролите бидејќи го следат движењето на полициските чамци, велат спорртските риболовци. „Се фрлаат мрежи на само дестина метри од седиштето на езерската и сообраќајната полиција“, вели Димитриески.
Лошата законска регулатива, неефикасната полиција и неажурното судство им одат во прилог на рибокрадците, бидејќи ниту една поднесена пријава кон нив не е ефектуирана, велат спортските риболовци. „Ниту една пријава која ние сме ја поднеле не е реализирана а од некаде 700 пријави што се поднесени од поранешниот концесионер и од МВР, ниту една не е решена, освен едена која е во процедура, значи хаос владее во езерото“, вели Димитриески.
Г. Момироски