Изведување градежни работи на полноќ, сечење дрва со моторна пила, пуштање гласна музика до раните утрински часови- се само дел од нарушувањата на јавниот ред и мир кои се случуваат во и околу дел од колективните станбени згради во Охрид.

Поединци како воопшто да не се грижат дека со своите постапки ги вознемируваат соседите, кои согласно менталитетот- или ги трпат ваквите тортури или се обидуваат сами да го решат проблемот замолувајќи ги соседите да ги завршат градежните работи, односно да ги сечат стеблата, наредниот ден. Па така, дали станарите ќе имаат мирен сон зависи од добрата волја на нивниот сосед.

–    Пред два дена, околу 22 часот, пред мојот балкон во дворот на куќата која ја подготвуваат за рушење поради изградба на нов објект,  во самиот центар на градот, со моторна пила започнаа да сечат дрва. Тоа не престана се додека околу полноќ не отидов и ги замолив да престанат затоа што децата не можеа никако да заспијат од големата бука, вели еден наш сограѓанин.

Неретко се случува и преку цела ноќ од некои станови да се слуша прегласна музика, затоа што домаќинот бил во такво расположение- да слуша гласна музика, при тоа не грижејќи се за останатите во станбената зграда. Повеќе од очигледно е дека станува збор на ниска свест на поединци, кои воопшто немаат чувство дека живеат во градско, населено место, во кое мора да се почитуваат одредени правила.

Од СВР- Охрид потврдуваат дека добиваат поплаки од граѓани поради прегласна музика, на што нивните служби веднаш реагираат. Поради вознемирување на другите со прегласна музика, летово веќе се поднесени голем број прекршочни пријави, велат од СВР- Охрид. 

Инаку, Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, предвидува казна за секој кој го нарушува мирот на други со пеење, користење на музички инструменти, радио, телевизиски апарати и други технички уреди, како и со механички извори на врева, во периодот од 15 до 18 часот попладне и по 23 часот до 6 часот наутро. Полицијата е должна да го спречи и да му изрече глоба во износ од 200 до 500 евра во денарска противвредност.   

OhridNews