Владата сеуште не го распишала тендерот за издавање под концесија на 7 патни правци на кои треба да се изгради автопат. Меѓу нив и патните правци Охрид – Битола и Ќафасан – Гостивар. Првично тендерот требаше да биде распишан до крајот на август, но рокот беше пролонгиран до крајот на ептември. Сега има ново одложување, а како причина се наведува светската економска криза.
– Ние како политичка партија бевме против распишувањето тендер за овие патишта затоа што не се создадени услови да бидат издадени под концесија. На патниот правец Охрид – Битола не е предвиден алтернативен пат за да може да се постават рампи каде ќе им се наплаќа на граѓаните. Доколку сепак се постават рампи ние всушност ќе ги затвотиме граѓаните во своите градови затоа што покрај овој скап живот сега уште патувањето до Битола да им го оптовариме со дополнителни давачки е далеку од разумот, вели пратеникот Чингоски.
Томе Чингоски
Според него предлогот на Владата е неизводлив затоа што ниту еден од предвидените правци не ги задоволува критериумите за изградба на автопат. Добро е, вели Чингоски, да се изградат тие автопати, а потоа да се наплаќаат давачки, но во овој момент патните правци кои се предвидени да се издадат не се изградени.
– Намерата на Владата е и на постоечките патишта да постави рампи со тоа ќе им се отежне животот на граѓаните. Тоа не е во ред затоа што прво треба да се изградат алтернативни патишта за граѓаните кои не сакаат да плаќаат да имаат комуникација, а не да ги принудуваме задолжително да плаќаат за да може да се полнат партиските каси и буџетот, а на сметка на граѓанинот, додаде Чингоски.