Ракометарите на Охрид на домашен терен со 29-25 го совладаа Радовиш и ја продолжија победничката серија во Супер лигата. Третата последователна победа на „гладијаторите“ им донесе нови бодови и искачување во самиот врв од табелата но и индивидуални признанија.
Во идеалниот тим направен од специјализираниот ракометен сајт „24ракомет“ место имаше за двајца ракометари на Охрид. Дел од најдобрите се Крсте Андоноски и Бобан Блажески. Двете крила одиграа одличен натпревар во напад против Радовиш. Капитенот Андоноски постигна неколку голови во вториот дел кога се кршеше резултат, додека Блажески во препознатлив стил беше најефикасен во охридскиот состав.
За Блажески ова е втор пат да биде од тимот на колото во Супер лигата а Андоноски дебитира во одбраното друштво. Претходно од охридскиот состав дел од тимот на колото беа Иван Тасески и Јагош Брауновиќ.
OhridNews