Олимписките игри во Токио ќе се одржат дури и ако биде прогласена вонредна состојба во главниот град на Јапонија поради коронавирусот.
Ова го изјави шефот на координативната комисија на Олимпијадата, Џон Коутс на состанокот на Меѓународниот олимписки комитет (МОК).
Игрите ќе се одржат дури и ако режимот за итни случаи е во сила за време на турнирот во Токио. Сега Јапонија успешно ги помина тест-турнирите во пет спортови, додека земјата беше во вонредна состојба, па нема сомнение дека игрите ќе се одржат и во овој случај, рече Коутс.
Исто така, организацискиот комитет на Олимпијадата соопшти дека тестирањето за коронавирус ќе биде редовно за сите учесници на Игрите.
Ние ја поздравуваме вакцинацијата на учесниците на Игрите, но не се потпираме целосно на тоа. Тестирањето ќе биде редовно, без оглед на тоа дали спортистот или друг учесник на Игрите, е вакциниран. Редовното тестирање е она на што се потпираме, го цитира „Р-Спорт“ Коутс.
Олимписките игри во Токио ќе се одржат од 23 јули до 8 август.
OhridNews