Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески во името на сите охриѓани и посака среќа и мирна рака пред заминувањето на Нина Балабан на Олимписките игри во Рио кои ќе се одржат од 5 до 21 август.
Спортистот на годината во град Охрид за 2013 година, е третиот охридски спортист кој ќе ги осети маѓичните пет олимписки кругови, по пливачот Александар Маленко и атлетичарот Реџеп Селман.
– Охрид и охриѓани и јас како градоначалник со нетрпение и посебен мотив ги одбројуваме деновите до почетокот на Олимписките игри, бидејќи имаме исклучителна можност еден наш граѓанин да биде дел од најголемиот спортски настан. Нина Балабан ќе биде нашиот спортски амбасадор во Рио и ќе има можност да го оствари сонот на секој спортист. Ние цврсто веруваме во нејзините способности и квалитети и секој охриѓанец ќе стиска палци за нејзин успех во Рио. – изјави Бакрачески.
Охриѓанката прва ќе го скрши мразот од шестчлената македонска олимписка експедиција и ќе настапи ден по свеченото отварање, односно на 6 август, во својата дисциплина стрелаштво (гаѓање со воздушна пушка од десет метри).
– Ветувам дека ќе дадам максимум во Рио, бидејќи на Олимпијадата се настапува можеби еднаш. Подготовките во Србија поминаа одлично, тренирав со најдобрите стрелачи во светот и се надевам дека нивните совети ќе ми помогнат многу во Рио. – рече Балабан.
Покрај охриѓанката во македонската олимписка експедиција се наоѓаат и атлетичарите Ристе Пандев и Дрита Исљами, пливачите Анастасија Богдановски и Марко Блажевски и џудистката Катерина Николовска.
Мх.П.