Охриѓанката Нина Балабан прва ќе го скрши мразот на Олимписките игри од шесте македонски престаници кои отпатуваа во Рио. Таа ќе настапи ден по свеченото отварање односно на 6-ти август во 8 и 30 часот по локално време во гаѓање со воздушна пушка од 10 метри.


– Да се биде дел од олимписки игри како натпреварувач, да се бранат боите на својата земја е голема чест, но и гордост, бидејќи таму ќе бидат најдобрите спортисти од целиот свет. Во моментов ми се измешани многу чувства и емоции, не знам дали тоа може да се оквалификува и како трема, но точно е дека сум многу возбудена. – рече Балабан за „Нова Македонија“.


Балабан која години наназад е во самиот врв во македонското стрелаштво откри како го засака и одбра стрелаштвото. – Оружјето е дел од традицијата во моето семејство во кое отсекогаш било ценето. Јас растев со оружје и создадов еден вид култ спрема него. Тоа и ме поведе да почнам со стрелаштвото. Во клубот каде што почнав се тренираше со воздушна пушка, така и јас почнав да пукам со неа. Во стрелачкиот спорт потребна е голема самоконтрола и концентрација, најголемата борба е однатре, таа што спортистот ја води сам со себе. Мислам дека сум добро подготвена и во солидна форма, што не мора ништо да значи во однос на пласманот, бидејќи на големите натпревари решаваат нијанси. Мотото на олимписките игри е да се учествува, а не да се победи. Секако битен е и пласманот, но мислам дека побитно е достојното претставување на својата земја.


Моментално, охриѓанката се наоѓа на 82-то место на светската рејтинг листа. На Олимписките игри во Рио ќе атакува на што подобар пласман и резултат.

OhridNews