„Од моја страна мислам има зголемено чувство на доверба дека ова е нешто што може да биде разрешено со дијалог на многу високо ниво, меѓу водствата на двете земји. Тоа е многу позитивен развој. Чувствувам дека страните сега зборуваат меѓу себе за работи кои се во рамки каде може да се видат некои очекувања дека евентуално може да се најде решение на овој проблем. Го оценувам позитивно состанокот и мислам дека треба да продолжиме да работиме на ова прашање додека дојдеме до решение“, изјави посредникот Нимиц.
Од македонска страна, според преговарачот Зоран Јолевски, претседателот Иванов ја истакнал посветеноста за што побрзо прифатливо решение што ќе го заштити дигнитетот на македонските граѓани.
„Претседателот Иванов го информира медијаторот Нимиц за позицијата на Република Македонија по ова прашање при што ја истакна определеноста и посветеноста на Македонија за што побрзо изнаоѓање на взаемно прифатливо решение кое ќе го заштити дигнитетот на македонските граѓани.“, изјави амбасадорот Јолевски.
Нимиц вели дека не изнел нов предлог или нови идеи за надминување на проблемот.
„Не давам нови предлози. Во текот на годините дадов предлози до страните. Тие никогаш не беа во целост задоволителни, но некои од идеите мислам дека вредеше што разговаравме за нив, затоа се чувствувам позитивно во тој правец. Да дозволиме процесот да продолжи и да видиме како ќе се развива.“, изјави Нимиц.
Посредникот Нимиц денеска во Њујорк треба да се сретне со шефот на грчката дипломатија, Димитрис Друцас.
извор: Makfaks