Посредникот во македонско-грчките преговори за името, Метју Нимиц, на вчерашната рунда разговори што се водеа во седиштето на ОН во Њујорк понуди ново предлог име со географска одредница.
Медијаторот Нимиц не го откри новиот предлог, но по средбата изјави дека име со географска одредница може да биде основа за фер решение. „ Не е 100 % од она што го сакаат Скопје и Атина, но се надевам дека владите на двете земји ќе го разгледаат сериозно како можност за постигнување разумен компромис“, рече Нимиц.
Република Македонија (Скопје) ?
Според Нимиц нема временско ограничување на преговарачкиот процес и доколку се покаже потреба подготвен е да организира нова средба. Преговарачите Никола Димитров и Адемантиос Василакис за новиот предлог на посредникот Нимиц треба да ги известат владите во Скопје и Атина.
Во недостиг на повеќе информации, дел од националните телевизии во земјава шпекулира со името Република Македонија (Скопје). Во експертската јавност постои поделеност околу ваквиот предлог. За голем дел од експертите ваквиот предлог е прифатлив затоа што според нив не задира во идентитетот на земјата. Дуги пак сметаат дека се работи за опасен предлог кој во себе крие замка која ќе го загрози македонскиот национален идентитет.
Неодамна токму во Охрид, претстедателот на државата, Бранко Црвенковски, изјави дека „ако се најде формулација која ќе биде користена за меѓународна употреба која ќе биде различна од уставното име, меѓутоа во исто време не го загрозува нашиот национален идентитет, вреди да се размисли“.
Ако можеме да дојдеме до разумен компромис во преговорите што сега се одвиваат кои што од една страна ќе го одбрани нашиот национален идентитет, а од друга страна ќе ни овозможи да ја добиеме поканата за НАТО и ќе ја симне бариерата во натамошниот процес на нашето зачленување во ЕУ, мислам дека тоа е пристап кој треба да се поддржи и за кој јас лично се залагам, рече Црвенковски.
Последната рудна преговори во Њујорк се одржа на само седум дена пред Самитот на НАТО во Букурешт на кој Македонија очекува покана за членство.
ohridnews