Посредникот во грчко-македонскиот спор за името Метју Нимиц, по средбата со државниот врв, викендов престојуваше во Охрид. Во друштво на македонскиот претставник во преговорите, Никола Димитров, Нимиц во саботата вечерта се прошета низ стариот дел на Охрид, каде во една од маалите извесно време присуствувал на традиционалниот дочек на Стара Нова Година.
Нимиц вчера во придружба на охридскиот градоначалник Александар Петрески ги посети храмот на Свети Климент на Плаошник, црквата Св. Богородица Перивлепта, Галеријата на икони и Античкиот театар. Нимиц се сретна и со директорот на Управата за заштита на културното наследство, Паско Кузман, во неговиот кабинет “Троја“ во охридскиот Завод и Музеј. Археологот Кузман го запознал посредникот Нимиц со бројните археолошки пронајдоци и вредни артефакти од античкиот период. Нимиц посебно бил воодушевен од охридската „Златна маска“ од почетокот на 5 век п.н.е.
Подарок за спомен од Охрид
Кузман ни изјави дека средбата со Нимиц била срдечна и пријатна и дека високиот гостин се интересирал за културното наследство кое на некој начин ги поврзува Грција и Македонија. “Нимиц виде исти работи какви што видел и во Грција, но и многу работи кои што се типични за Македонија и Охрид“ – рече Кузман кој верува дека сето тоа ќе влијае на ставот на Нимиц околу спорот со името.
Паско Кузман
Нимиц попладнево го посети и манастирот во Свети Наум, по што ќе отпатува од земјава.