Институциите ќе бидат алармирани ако се појави разлика поголема од предвидениот праг меѓу оданочениот приход и имотот, при што потеклото на имотот ќе биде испитано по службена должност. Освен тоа, ќе можат да постапуваат и по поднесени пријави и претставки за сомнеж за нелегално стекнат имот.
Се што ќе се утврди дека е нелегално стекнато, ќе биде конфискувано, и како што предвидуваат законите – компензирано на државата за направената штета, рече вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски на денешната работилница на експертската работна група која го подготвува Предлог-законот за потекло на имот.
Предлог-законот е во финална фаза. Се предвидуваат одредби кои овозможуваат проверка на потеклото на имот доколку постои сомнеж за начинот на кој е стекнат. Со ова законско решение прв пат се воведува контрола на капиталот, со што се отвора патот за конфискација на нелегално стекнатиот имот и се спречува незаконско богатење врз грбот на граѓаните. На одредбите од новиот Предлог-закон за потекло на имот подлежат не само носителите на јавни функции, туку сите граѓани. Конкретно, секој ќе треба да докаже на кој начин го стекнал имотот и капиталот, во случај кога постои сомневање дека ги надминува своите редовни одданочени приходи. Ако лицето не го докаже потеклото на имотот, истиот со одлука на судот, ќе се конфискува.
Со овој нов закон што прв пат се носи во државата, се надминуваат досегашните системски пречки за проверка на имотот и на лицата кои повеќе не се фунцкионери. Одредбите од новиот закон предвидуваат уште една крупна антикорупциска мерка, а тоа е увид во имотната состојба на поранешните функционери. За разлика од сегашната обврска избраните и именуваните лица да поднесуваат анкетен лист за имотната состојба додека трае нивниот мандат, ваквата обврска сега добива поширок опфат во смисла на времетраењето на увидот во имотната состојба. Една од новините во драфт законската верзија е што испитување ќе се врши и доколку имотот е префрлен на трети лица.
OhridNews