Николовски најави отворање на нови факултети во Охрид
Николовски истакна дека до доаѓањето на ВМРО ДПМНЕ на власт државата за образованието од бруто домашниот производ одвојувала само 3,3%, а оттогаш наваму 5,9% со интенција на пораст. Тој најави отворање на повеќе нови факултети и Универзитет за информатика на кој во првите 10 години ќе работат светски познати професори. Целта е да го доближиме високото образование до младите и да ги намалиме трошоците за студирање, рече Николовски. Според него потребно е да се промени системот на свеста бидејќи во Македонија има многу малку луѓе со високо образование. Тој се осврна и на реформите во основното и средното образование, најавувајќи дека од наредната школска година ќе започне да се изучуваат веронауката и етиката и ќе завршат сите подготовки за инсталирање на 100.000 компјутери во училиштата. „Не може да има развој без образовани и компетитивни млади луѓе кои ќе бидат способни да се натпреваруваат на европскиот пазар“, рече Николовски.
Кандидатот за пратеник од ВМРО ДПМНЕ најави дека по изборите во Охрид ќе започне изградбата на затворен олимписки базан, а постоечкиот кој е од отворен тип, ќе се реконструира. Николовски најави и изградба на четири тениски игралишта и на две фудбалски игралишта во Охрид и Лескоец, кои како што рече, ќе и бидат отстапени на локалната самоуправа.