Пратеникот Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ денеска изјави дека се уште нема одговор од премерот Зоран Заев за одредени прашања поврзани со нашите надворешни позиции.

Првата работа која што ја споменав, јавно објавив дека Никола Димитров јавно се фалел дека тој бил пречката поради која Заев не потпишал договор со Бугарија кој што ќе значи прифаќање на сите бугарски позиции на штета на Македонија. Притоа, за мене и едниот и другиот се исти, но очигледно Димитров во битка за личен рејтинг сакал себе си да се прикаже како заштитник на македонските национални интереси, а Зоран Заев да го прикаже како предавник. Поминаа два дена, немаме директен демант ниту од Заев ниту од Димитров, рече Николовски.

Според Николовски, станува збор за огромен скандал.

Зоран Заев бил подготвен да потпише поништување на самобитноста на македонскиот народ, да потпише бришење на македонската историја, самобитноста на македонскиот јазик и дека единствената причина поради која што тоа не го направи е притисокот од јавноста и народот кој што излезе на улиците во македонските градови и села и му се спротивстави на оваа работа, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Николовски повтори дека нема одговор од Заев и за прашањето „дали е вистина дека Заев е незадоволен од работата на историската комисија затоа што не му потпишува се што ќе посака и се што ветил во однос на Бугарија, дали е вистина дека активно работи на дискредитирање на нивните членови со цел промена на историската комисија која што е во надлежност на Министерството за надворешни работи и формирање на нова, која што ќе потпише под политички диктат се она што Зоран Заев ќе побара“.

До денес, немаме никаков демант на ова и јавно предупредувам дека следи подготовка за следна национална катастрофа, рече пратеникот.

И како трето, тој посочува на изјавата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски дека премиерот Бојко Борисов му кажал дека Заев има ветувано работи со цел да ја добие неговата поддршка.

Јас јавно прашав дали тие концесии се купувањето на една телевизија, купување на една банка, државни акции во еден телекомуникациски оператор, како и оптички кабел во една голема државна компанија преку која што може да се врши проток на интернет, проток на телефонски сигнал, но исто така и други субверзивни активности и конечно еден рудник, а тоа гледаме дека е рудникот Иловица кој што магично откако се смени сопственикот и од доминантитен сопственик од канадска компанија, станаа бугарски олигарси, наеднаш еве почнува да добива дозвола за работа. Најавувам дека во следниот период ќе објавиме конкретни работи и документи за оваа работа, рече Николовски.

OhridNews