До крајот на следната година ќе имаме целосно функционален автопат од Кичево до Охрид, а Владата ќе разговара директно со УНЕСКО за да се утврди кое решение ќе биде најсоодветно за зачувување на заштитениот статус на Охридското Езеро и регионот, рече вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски при денешната посета на компанијата „Костал“ во Охрид.

Ветив и до крајот на следната година ќе имаме целосно фунционален автопат од Кичево до Охрид. Овде се поставува прашањето на кој начин е најдобро да се поврзе и Струга, бидејќи од Подмоље до Струга има само 7 километри. Второто прашање е заштитата не само на Охридското Езеро, туку на целиот регион. Имаме стриктни забрани од УНЕСКО да развиваме автопат и железница во заштитениот дел од Охридското Езеро, каде влегува и делот кој потенцијално би го опфаќала и оваа патна делница. Очекувам во текот на месец март заедно со министерот за култура, градоначалникот на Охрид и останати експерти во Париз да имаме средба на највисоко ниво, каде што ќе ги отвориме овие прашања и секако дека нема да одиме спротивно на препораките на УНЕСКО, вели Николоски.

Посочи дека многу е значаен статусот кој го има и градот Охрид и Охридското Езеро и ќе треба прилагодување на барањата на УНЕСКО.

Дали тоа ќе значи поместување на трасата посеверно или ќе значи целосно нова траса или ќе можеме да се вклопиме во постојната траса, се работи кои ќе ги дискутираме. Тука имаме уникатна состојба и само во овој дел не сакам да се врзувам за рокови, туку и за заштита на сето ова што го имаме, рече Николоски.

Министерот потенцираше дека ќе се работи на тоа да се најде најдобар можен баланс помеѓу заштитата и развојот на инфраструктурата.

Првата работа со која лани се соочивме е дека година и нешто не се асфалтираше воопшто. Го променивме Законот сите гледате дека се работи. Втората работа постојниот проект поминува низ градби од А категорија во заштитени подрачја од аеродромот, бензиски пумпи, болници и хотели. Тоа се објекти кои не можете да ги експропреирате. Експропријација се прави до куќи. И за тоа најдовме решение кое е поминато на Влада, во понедленик влегува во Собрание и очекувам за две-три недели тој закон да е изгласан и на тој начин да се реши и вториот проблем со објекти на траса. Третиот проблем е со свлечиштата. Во моментов работиме. Поканив екперти од странство, кога ќе имаме решенија ќе ги презентирам во јавност.

фото. ЈПДП

Во поглед на зголемување на цената за изградбата на автопатот кој започна да се гради во февруари 2014 година, вели, со оглед на проектираните цени и инфлацијата неможе да даде конкретен одговор.

Мојата цел е да излеземе надвор од оваа рамка којашто ја имаме сега. Ова е причина и мотив плус да брзо се завршуваат проектите, затоа инсистирам проектите кои сега ги работиме да ги работиме во рокот за да се има истата цена. Доколку не се работи во рокот инфлацијата го прави своето и доаѓаме со многу повисоки од договорените, додаде Николоски.

 

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска