Оставката на членот од македонско-бугарската комисија за историски прашања, Ванчо Ѓорѓиев е скандал сам по себе. Идејата на историската комисија е историчарите да разговараат за историските прашања, а не политичарите, истакна денес потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид, Александар Николоски.
Ние предупредуваме долг временски период дека Зоран Заев сака да преговара за историјата, а не историчарите. И Стево Пендароски имаше обиди кога го прогласуваше Гоце Делчев за бугарин, така што гледаме дека постои јасен притисок врз работата на комисијата. Професорот се одважи да даде оставка и на тој начин да предупреди што се случува, ги гледаме механизмите на власта којшто водат со притисок, но тоа е власт во заминување. Ги повикуваме членовите на комисијата да се достоинствени и да не работат на штета на македонскиот народ вели Николоски
Тој потенцираше дека по смена на власта ќе има одговорност за Министерот за надворешни работи и за службениците во министерството за надворешни работи којшто вршеле притисок врз членовите на комисијата.
Во однос на односите помеѓу Македонија и Бугарија, Николоски вели дека се одлични, спротивно на, како што истакна, меѓусебното лажење од политичките елити од македонска и бугарска страна.
К.А.