Ведри и полни со оптимизам македонските фудбалски репрезентативци ги одработуваат замислите на селекторот Мирсад Јонуз, но и најавуваат дека се подготвени да одговорат на предизвикот наречен историски пласман на второто место и евентуално во баражот за пласман на СП 2010 во Јужна Африка.
Македонија ќе мора да атакува на победа во Глазгов, но и да го одбрани својот гол од налетите на Шкотите, а прва пречка за налетите на Милер, Мекфаден и останатите, покрај дефанзивната линија е и искусниот голман Јане Николоски.
– Не очекуваат два мошне важни натпревар, по мечот со Шкотска се надевам дека ќе останеме во игра и натпреварот со Норвешка ќе биде одлучувачкиот во овај циклус. Мислам дека оваа генерација има сила и квалитет да го направи тој исчекор и очекувам конечно и ние како држава и репрезентација да осетиме што значи да се игра бараж натпревар за пласман на едно големо натпреварување – истакна Николоски чија мрежа мируваше на натпреварите со Шкотска и Норвешка во Скопје.
М.П.