Власта предводена од Социјалдемократскиот сојуз посветено и одговорно работи за развојот на Охрид. Имаме реални планови и јасна визија за доброто на сите граѓани, истакна на завршната прес конференција Ристо Николески, шеф на Изборниот штаб на кандидатот за градоначалник поддржан од СДСМ Константин Георгиески.
Николески го потенцира процесот на раздолжување на општината спроведен со помош на Владата, како огромен успех што, според него, ќе овозможи полесно функционирање и подобра иднина за локалната самоуправа, како и одлуката за формирање на новото државно јавно претпријатие „Колекторски систем“, кое ќе ги преземе обврските за одржување, обновување и продолжување на колекторскиот систем.
Со ова очекуваме конечно да се реши горливото прашање за заштита на нашето најголемо природно богатство ‒ Охридското Езеро. Со помош на Агенцијата за патишта веќе започна реконструкцијата на булеварот Туристичка, а во иднина се планирани и други важни инфраструктурни инвестиции. По долги години, конечно го решаваме проблемот со улицата „Абас Емин”. Изработен е проект за реконструкција и истиот ќе се реализира веднаш по реализацијата на проектите за реконструкција на водоводната линија, канализационата мрежа и атмосферската канализација на улицата. За овие три проекти е добиено одобрение за градба и истите се испратени до Министерство за транспорт и врски и се чека објавуавање на тендер за реализација. – рече Николески.
Тој ги наброја активностите за реконструкција на бројни улици во градот, како и проектот за реконструкција на кејот, но и плановите за образованието во Охрид за што во програмата се предвидени повеќе од 52 милиони денари или околу 850.000 евра за 2019 година.
Николески истакна дека кандидатот за градоначалник Георгиески и партијата која го поддржува воделе исклучително позитивна кампања.
Горди сме на високото ниво на нашата политичка култура, наспроти нашите политички противници кои на сите начини водеа црна кампања, со лажни вести и креирани негативни медиумски содржини, со кои имаа за цел да влијаат на вашата одлука. Тоа е нивна препознатлива пракса, но и покрај нивните напади и обвинувања, ние повторно покажавме дека сме поинакви, дека сме транспарентни и подговени да одговориме на сите прашања кои се од интерес на јавноста. Сигурни сме дека на граѓаните им се јасни овие работи и дека знаат да ги препознаат вистинските вредности и дека ќе ја изберат опцијата која води напред. – истакна Николески.
OhridNews