Васе и Војдин Николески се меѓу ретките кои останале во живописнaта, уште и борбено – историска Црвена Вода, на дваесетина километри од Охрид. И двајцата се длабоко навлезени во осмата деценија од животот, но кога е во прашање пчелартството, тие не се предаваат. Далеку горе, на надморска височина од над 1000 метри, под врвовите на Караорман, Николески има бројни пчелни семејства. Но, познат е и по тоа што има инстикт и искуство, да пронајде семејства и длабоко во шумите, најчесто во дабови стебла. Кај народот вообичаена синтагма за тоа е – див мед, на што Николески не се согласува.
Диви се луѓето, а не пчелите. Од нив нема попитоми. Тие се најцивилизираните суштества и највешти производители на планетата земја и кога нива ќе ги снема, ќе не снема и нас, вели Николески.
За него не е никакво чудо да пронајде пчелно семејство низ темните предели на Караорман. Тој има своја техника на примамување на пчелите и нивно следење до пчелното семејство. Вообичаено, се населуваат во продлабени дабови дрвја. Но, она што го доживеал, тука крај Охрид, во овоштарник во близина на приградската населба Орман, е вистинско чудо.
Го крадев занаетот од постарите. Постапката за пронаоѓање пчелно семејство е многу проста за оној што знае и има инстикт. Се користат водите и изворчињата, каде пчелите пијат вода. Потоа, во неколку фази, може да се стигне до пчелното семејство, објаснува , Николески.
Од раната младост, Николески живее заедно со “бубачињата”, си ги споделуваат заедно сите маки и радости, си го надополнуваат животот. Нешто ќе им земе, нешто ќе им врати. Природата е вели широкодушна. Таа знае да ти даде дури 30 килограми планиски мед. За медот од овие погрешно именувани “диви” пчелни семејства вели дека нема цена за да се продаде.
Тоа е толку драгоцено и животно корисно, што не се исплатува да се продава. Освен да се подарува, се разбира, во мали количини, за проба, често за здравје, понекогаш и за слава. – вели Војдин.
Оттука и асоцијациите со Атиџе Муратова, јунакињата од документарната филмска сторија на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов. Филмот номиниран за Оскар го прикажува животот на Атиџе Муратова, претставена како последната пчеларка од Македонија, од селото Бекирлија, во централна Македонија, покрај реката Брегалница. Војдин чул и други приказни, како неговата и на Атиџе.
Сум слушал дека и во Албанија имало мајстори како мене – да пронајдат пчелно семејство во планините. Доаѓале богати Руси да им го откупат, за цената не прашувале, вели Николески.
Слично како во филмските стории и Војдин има своја партнерка во занаетот. Тоа е неговата животна сопатничка Васе.
Веле Митаноски