-Во моментов најголем проблем на Македонија е внатрешната политичка криза, поради која речиси нема никакво внимание долготрајната блокада која ја имаме и во НАТО и во ЕУ. Ова го изјави министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски на прес конференцијата со која заврши состанокот на министри на државите членки на ЦЕИ, што денеска се одржа во Охрид.
-Позадината на таа блокада, односно спорот со името, е ставена во тегла, спуштена во подрум и нема да види сончева светлина се додека не ја надминеме пречката која е главно поврзана со внатрешната политичка криза, такашто ние имаме суштински интерес оваа криза час поскоро да се отстрани.-рече министерот Попоски.
Во однос на безбедносните предизвици, Попоски истакна дека Македонија бара членство во НАТО и ЕУ како начин за праќање на јасен сигнал дека безбедноста, стабилноста и сигурноста во Македонија е запечатена и не може да биде предизвикана.
-Секое одлагање на овие одлуки како што е покажано и во минатото носи ризици. Не носи ризци од војна и вооружени конфликти во буквална смисла, туку носи ризици од уривање на нашата внатрешна кохезија и носи сериозни ризици за претварање на Македонија во мета за некое меѓународно поткусурување. Затоа поскорото зачленување на Македонија во НАТО и ЕУ ќе ги елиминира сите овие ризици и нема подобра рецепта од тоа да го стабилизираме овој дел од Европа, што сигурно ќе се одрази врз економската клима.-додаде министерот Попоски.
Г.М.