Нов предводник на фудбалскиот второлигаш Охрид ќе биде искусниот стратег и поранешен селектор на македонската репрезентација Никола Илиевски Џиџи, дознава Охридњуз. Тој на тренерската позиција во Охрид доаѓа на местото на Александар Толески. Договорена е соработка на 1 сезона, со можност на продолжување на договорот.

Никола Илиевски Џиџи

Информацијата за доаѓањето на Џиџи во ГФК Охрид ја потврдија од клубот.

Со носењето на потврдено фудбалско име со интернационално и селекторско искуство го пополнуваме испразнетото тренерско место во клубот што можеби беше и наша најслаба точка. Очекуваме со ангажманот на Илевски подобрување на перформансите на екипата што заедно со заложбите за квалитетни засилувања, согласно нашите можности, и ростерот на охридски погон, треба да ни донесе напредок како во играта, така и во резултатите, изјави за Охридњуз Данчо Целски, еден од раководителите на ГФК Охрид.

Никола Илиевски Џиџи има работено во повеќе клубови во земјава во првата лига, а има и меѓународно искуство со водење екипи во странство.

Се очекува Никола Илиевски Џиџи да биде официјално промовиран за тренер на ГФК Охрид идната седмица.

Г.М.