Ем светец и просветител, ем патрон на Охрид и на Македонската православна црква, но тоа очигледно не е доволен мотив надлежните институции во градот да ја исправат историската грешка и да поведат иницијатива да се испише целосното име на Св. Климент Охридски во називот поставен на зградата од охридската гимназија.

Доколку од „разбирливи“ причини во претходниот систем во називот на училиштето намерно бил изоставен зборот „Свети“, останува нејасно зошто тоа не е поправено во плурализмот. Зградата на гимназијата во 2007-08 целосно се реновираше, односно реставрираше, но повторно остана стариот назив „Климент Охридски“.

OhridNews ја актуелизираше оваа тема и во 2013 година. Тогашното раоводство на гимназијата најави дека ќе поведе иницијатива и ќе се консултира со локалната самоуправа со цел да се исправи направениот пропуст.

-На поставената табла пред зградата стои правото име на средното училиште, но тоа треба да стои и на училишната зграда. Ќе се погрижиме наскоро се да си дојде на свое место. – изјавија тогаш од гимназијата. 

И Завод и музеј Охрид, под чија заштита е објектот на гимназијата, ја поддржа иницијативата. Појаснија дека кога ќе се подготвува елаборат за ревалоризација на објектот, ќе може да се додадат буквите кои недостасуваат, но иницијативата треба да си ја поведе училишниот центар и локалната самоуправа. 

За граѓаните и тогаш и сега нема двојба дека се работи за голем пропуст со оглед на тоа дека станува збор за светец, а не за обичен или заслужен граѓанин кој ја имал честа неговото име да го носи една од најпознатите гимназии во земјата. Велат дека називот на самиот објект мора да се промени бидејќи вака како што е се намалува значењето на големиот македонски светец, еден од учениците на светите Кирил и Методиј и основоположник на Охридската книжевна школа, позната како „Прв словенски Универзитет“.

Изградбата на охридската гимназија, започнала во 1908 година по фотографија од француска зграда во неокласицистички стил, а инвестирал Ејуп Сабри од Охрид. До 1944 година оваа зграда имала различна намена: турска управа, војничка касарна, општина, училиште со интернат и слично. По војната, гимназијата продолжува со нормална работа и за прв пат со настава на македонски јазик. 

OhridNews