Летово во Охрид преку ноќ никнаа повеќе базни станици на покриви на згради, а граѓаните кои живеат во станбени објекти речиси секојдневно добиваат понуди за поставување на такви уреди.

Непосредно пред одржувањето на НАТО форумот во Охрид на повеќе локации беа поставени базни станици. Нов антенски столб беше поставен и на кулата веднаш до „Панасоник“ каде пак тоа беше направено порано. Во двете згради случајно или не има малку постојани жители, но затоа пак тие кои тука домуваат, како и граѓаните од околните згради сега постојано се изложени на зрачење за кое ниту знаат во  колкава мера е и колку е штетно по нивното здравје.

Слични уреди се поставени и на повеќе други згради, а во центарот на градот зрачат и два телевизиски репетитори.


Кулите на „Туристичка“

Експертите објаснуваат дека антените од мобилните оператори поставени на   зградите зрачат  на три страни. Дозволени се вредности од 0,2 миливати врз квадратен сантиметар. Според експертите зрачењето не е толку големо во зградата, туку е поизразено врз околните објекти, а единствениот начин да се контролира зрачењето од базните станици е редовно мерење. Тоа кај нас ретко се прави, а дополнителен проблем е што нема закон, ниту институција што ќе ги присили операторите почесто да го мерат зрачењето, предупредуваат експертите.

Истражувањата направени во светот покажуваат дека, базните станици предизвикуваат главоболка, несоница, краткотрајно губење на меморијата, пречки во невролошкиот и во образовниот развој на децата, а според истражување на британски лекари, зрачењата може да предизвикаат и седум видови рак.

Горан Момироски