Никако да се искоренат лошите навики од создавање мини депонии во секоја урбана заедница, реагираат од ЈП „Охридски Комуналец“. Посочуваат дека и покрај сите нивни акции и заложби за чист град, деструктивниот однос на поединци остава последици на секој чекор.
Денес се интервенира на одредена црна точка, се подигнува несоодветно депонираниот расфрлан отпад, а веќе следниот ден, како да сме должни да ја гледаме истата слика од истата локација. Изминатиов период, нашите служби се соочуваа со горлив проблем на ул. „Аџи Мустафа“, каде континуирано секојдневно се создава нова мини депонија, велат од претпријатието.
Апелираат да се почитува динамиката на акциите за подигнување кабаст и зелен отпад согласно годишниот календар за 2024 година, а за сите информации околу депонирање на отпадот граѓаните може да се јават на дежурниот телефон 075 495 428.
OhridNews