И по изминати две недели по откривањето на извршената проневера во охридскиот Здравствен дом за што се теретат три лица, и понатаму нема никаква информација што е со првообвинетиот- директорот на установата за кој беше кажано дека е во бегство и дека по него е распишана потерница.

Од СВР Охрид со краток коментар дека во тек се мерките за негово пронаоѓање.

Директорот и двајца негови блиски соработници се теретат дека сториле финансиски криминал тежок повеќе од 7,5 милиони денари и против нив е поднесена кривична пријава. Трите лица се товарат дека во периодот 2010-2014 година сториле повеќе кривични дела и тоа „Проневера во службата“, „Поттикнување“, „Помагање“ и „Фалсификување или уништување на деловни книги“.

По спроведената детална истрага, Управата за финансиска полиција утврди дека во периодот 2010-2014 година во Здравствениот дом во Охрид проневерени се вкупно 7.565.302,00 денари за кој износ ќе одговараат трите пријавени лица.

Од страна на судија од охридскиот Основен заради сериозноста на кривичното дело, можноста за влијание врз сведоци и опасноста од повторување на делото, на трите пријавени лица им одреди мерка притвор во траење од 30 дена. Двајца од пријавените беа уапсени од страна на Финансиската полиција на 19- ти февруари.

OhridNews