Само три дена по големата акција на специјалната полиција во која беа приведени седум рибокрадци, во водите на Охридското Езеро повторно се запленети рибарски мрежи.

Синоќа околу 01,30 часот при вршење на патролна служба езерската полиција кај с.Калишта  – струшко,  на одалеченост од околу 200м од брегот пронајде  пет  рибарска мрежи со должина од 50м. Во нив имало уловени 14  парчиња риба белвица.

Рибите се предадени на АД „Инекс Горица“, а риболовниот алат  е донесен во  Езерската полиција контрола-Охрид за понатамошна постапка, соопшти полицијата која работи на откривање на сопствениците на мрежите.

Вчера министерот за земјоделство, Ацо Спасеноски, соопшти дека Охридското Езеро до 2014 година нема да се издава под концесија за да се овозможи природен прираст на загрозените ендемски видови пастрмка и белвица. Тој најави и бескомпромисна борба со рибокрадците и поголема грижа за езерото. Тоа очигледно не ги поколеба рибокрадците кои не се откажуваат лесно од вносниот нелегален бизнис.