Не помина многу време по „историската“ средба на премиерот и градоначалникот на Охрид, а односите помеѓу централната и локалната власт наместо да напредуваат, како што беше најавено, повторно се заоструваат. Мостот кај Канео наместо да ги поврзува ги раздели државните институции, локалното население, бизнисмените и оптштината.

Една благородна идеја која шеретите локални моќници умешно ја забошотија своевремено, денеска повторно е камен на сопнување и тема на чаршиски озборувања, но и обвинувања помеѓу институциите.

Капетанијата на пристаништата вчера обвини дека мостот кој треба да ја спои плажата „Потпеш“ и населбата Канео со центарот на Охрид се гради без потребната документација. За Капетанијата спорни се и материјалите кои се уопотребуваат за изградба на мостот, со што според неа се загрозува автентичноста на овој заштитен простор.

Концесионерите на плажата „Потпеш“  кои ја иницираа изградбата на мостот, што ја спонзорира  фондацијата „Рамковски“ тврдат дека проектот е дел од урбанитичките планови на општината. Тие  објаснуваат дека освен конструкцијата која е од метал, остатокот од мостот ќе биде изработен од дрво и нема да го загрози природниот амбиент, натпротив, според нив, мостот  ќе отвори нови атрактивни видици на Охридското Езеро.

Свој став изнесе и локалната самоуправа. Оттаму велат дека со урбанистичкиот план за ова подрачје предвидена е пешачка патека вдолж самиот брег на езерото.

– Своевремено, кога се градеше колекторот, се предвидуваше токму по иста траса да се и цевководот и пешачката патека од кај тогашната библиотека па до населбата Канео. Но, според тогашните оправдувања заради техничка несовршеност односно опременост за таков зафат и високата цена на чинење, од таквата замисла се отстапи. Остана само планот, но со текот на времето и под наплив на низа злоупотреби и присвојувања на крајбрежниот дел, во практика оваа патека може да се каже дека би се реализирала само во мал дел или со рушење на се она што е поставено на узурпираниот брег, ни изјави Никола Маневски, портпарол на Општина Охрид.

Тој посочува дека пешачката патека во форма на мост што сега се гради е приватна иницијатива, која општината ја поддржува и поздравува.

– Сметаме дека прашањето за разни дозволи е депласирано првенствено што гледано бирократски – овој простор е на државата, но градот, од друга страна е должен и заинтересиран за уредена околина, плажа, шеталишта. Дали се поседуваат дозволи за техничката исправност на мастот (патека) – е сосема друго прашање, додава Манесвки. Тој посочи дека мостот свечено ќе биде пуштен во употреба на Денот на независноста – 8ми Септември.

Некогаш замислувано како атрактивно шеталиште кое требаше да го спои центарот на Охрид со населбите Канео, Воска и Далјан, ова подрачје денеска во одредени делови е своевидна „окупирана“ зона на интереси. Од овој предел од водите на Охридското Езеро нуркачите  годиниве наназад  во неколку акции за чистење на езерското дно извадија стотици килограми најразличен отпад. Сето ова недвосмислено ја наметнува потребата од стручно осмислување на просторот за кој се донесени повеќе детални урбанистички планови кои не се реализирани. И како по обичај најповиканите експерти, архитектите, повторно мудро молчат. Нема дебата, поддршка, критика, јавно изразен став. Можеби последните иницијативи за  изградба на споменици, мостови, паркови и други инфраструктурни проекти во центарот на градот конечно ќе испровоцираат стручна дебата, која во моментов му недостига на Охрид.

Горан Момироски