Продолжува лошата традиција на разединување на политичките “елити” и нацијата за најголемиот национален празник Илинден. Иако чествувањето на овој Илинден се случува во историски значаен момент за земјата која повторно е соочена со негирања и напади од надвор, наместо единство и сплотеност, политичарите од власта и опозицијата повторно демонстрираат неединство.

За прв пат од осамостојувањето Илинден на Мечкин камен ќе се чествува без говор на политичарите од власта. Опозицијата, пак, нема намера да оди на заедничко чествување.

Во рамките на централната свеченост на Мечкин Камен во Крушево. како што објави претседателот Стево Пендаровски, пригодна реч ќе има актерот Никола Ристановски со пораки за Илинден. На свеченоста ќе настапат ансамблот за македонски народни игри и песни „Танец“, ансамблот за албански народни ора и песни, Влатко Стефановски и воениот оркестар на Армијата.

Утре на Мечкин Камен ќе оддадеме почит на Илинденците коишто загинаа во одбраната на Крушевската Република, напиша во објава на Фејсбук Пендаровски.

Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски потврди дека нема да присуствува утре на чествувањето на Илинден на Мечкин Камен во Крушево. Најави дека традиционално 2 Август ќе го помине во населеното место Ташмаруништа, во близина на Струга.

За новиот концепт на прослава на Илинден инициран од претседателот Стево Пендаровски, тој го нараче импровизирано чествување на најголемиот празник на македонскиот народ, кој според Крушевскиот манифест, вели, е и празник на нашите сограѓани без разлика на етничката припадност.

Дел од циркускиот церемонијал предводен од претседателот Пендаровски нема да биде делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ, изјави Мицкоски пред состанокот со партијата Демократски сили на Ромите нивен коалициски партнер по повод соработката на претстојните локални избори.

Претседателот Стево Пендаровски ги покани претседателот на Собранието Талат Џафери, премиерот Зоран Заев и сите лидери на политички партии застапени во Парламентот заеднички да го прослават Илинден – Денот на Републиката во Крушево на централна прослава. Замислата е дека со овој начин на прослава ќе се постигне поголема сплотеност и ќе се овозможи вистинско честување на Илинден како симбол на обединување.

Г. М.