Прволигашот од Струга го задржа максималниот ефект на домашен терен совладувајќи го тимот на Шкупи со 2-0 во 7-та рунда од македонскиот фудбалскиот шампион. Струга Трим Лум победата ја осигура со двата погодоци на Нијас Лена. „Десетката“ на стружани прецизен беше по еднаш во двете полувремиња.

Нијас Лена (Струга ТЛ): Искрено жалам што на вакви натпревари каков што беше Струга Трим Лум – Шкупи нема публика на трибините. Сигурно ќе беа задоволни од фудбалската претстава на двете екипи. Што се однесува до головите, тие се награда за тимската игра. За првиот погодок се најдов на вистинско место, додека за вториот гол целата екипа има свој учинок бидејќи секој си ја одработи својата задача. 

Срѓан Захариевски (Струга ТЛ): Одигравме како што се договоривме. Го оставивме Шкупи на некој начин да доминира и да ја води играта, а ние стрпливо да чекаме погоден момент за контра или полу-контра. Така и бидна. Резултатот го отворивме искористувајќи ја шансата која ни се укажа. Во второто полувреме продолживме со истата игра. Вториот погодок кој ја запечати победата беше награда за желбата и мотивираноста кај фудбалерите. Моментално се наоѓаме во горниот дел од табелата, но не се залетуваме бидејќи првенството е долго и се може да се случи до крајот.

Муарем Бајрами (Шкупи): Сакам да им честитам на стружани за победата, фер и добрата игра. Ние одигравме добри 45 минути во кои требаше да постигнеме погодок. Не го направивме тоа, а домаќините од наша грешка погодија и поведоа. На стартот од второто полувреме имавме прилика и повторно не реализиравме. На спротивната страна следеше казна и втор гол во нашата мрежа. Неделава која следува ќе работиме на грешките и со главите горе ќе се подготвуваме за дуелот со Борец на домашен терен.

OhridNews

 

Прва МФЛ: Лена го реши Шкупи за нов триумф на Струга ТЛ (видео)