Во иднина за склучување брак во општина Охрид ќе се плаќа 500 денари доколку регистрацијата биде во работен ден, вклучително и петок, односно 1000 денари доколку граѓанскиот брак биде склучен во викенд или за време на празници.
Ваква одлука донесе Советот на општина Охрид на 45 седница што се одржа денеска. Првичниот предлог на членовите на Комисијата за склучување на бракови беше да се наплаќа надомест за користење на Големата сала на општината за регистрација, во петок 300 денари, а за време на викенд 600 денари.
Предлагачот воведувањето на надоместок за склучување бракови го правда со дополнителните трошоци за греење, односно ладење и одржување на салата, и потребите од обезбедување соодветни услови и надоместок за работата на советниците од Комисијата за склучување бракови и матичарот.
Со ваквото образложение не се согласува советникот од ВМРО НП, Томе Гиноски, според кого општината ќе наплаќа пари а нема свечена сала соодветна за склучување бракови. „Зошто општината не ги почести идните младенци со бесплатна регистрација?“ вели Гиноски.Одлуката делумно ја оспори и советникот од ЛДП, Боро Павлоски, кој смета дека надомест за склучување бракови не треба да се наплаќа во работни денови, туку само во викенд деновите.
И покрај различните ставови Советот ја усвои Предлог одлуката според која за склучување на бракови во иднина во работните денови ќе се наплаќа 500 денари, а во викенди и за време на празници по 1000 денари.
Горан Момироски