Македонија позитивно се движи во развојот на туризмот. Во првите пет месеци од годинава забележан е раст на туристи од 6,5 проценти при што се бележат 11,6 отсто раст на странски и пад од 2,9 проценти на домашни туристи. Ова денеска го соопшти министерот за економија Беким Незири на средбата со претставници на туристичките здруженија во Република Македонија на која биле анализирани резултатите објавени на 13 август од Заводот за статистика.
– За разлика од претходните години каде што имавме раст од 6,1 проценти, оваа година имаме покачување од 0,4 отсто на туристи, истакна Незири.
За падот на процентот кај домашните турсити министерот Незири рече дека при анализата која ја направиле со директорот на Агенцијата за туризам на Република Македонија Кристијан Џамбазовски констатирале дека причината е политичката криза што ја имаше Македонија во мај и јуни оваа година.
– Оваа година имаше политичка криза во нашата држава, а знаете дека политичките кризи во сите држави директно влијаат врз туризмот во земјата. И покрај тоа благодарение на работата на Агенцијата, успеавме тој пад да го оддржиме контролирано од 3 проценти. Во сите европски држави каде што има вакви кризи овие проценти изнесувале над 10 отсто, нагласи Незири.
На состанокот било предложено Министерството да има законска регулатива за регулирање на таквите кризи.
– Констатирано беше дека покрај позитивните трендови во нашата држава, Македонија има капацитет да привлече поголем број туристи. Беа дадени повеќе идеи од сите присутни на состанокот, а ние како Министерство заедно со Агенцијата предложивме во рок од осум дена да се формира група со која ќе се рзгледаат законските можности за подобрување на туризмот. Со идеите кои беа дадени од присутните на состанокот, сметам дека ќе успееме да влијаеме на покачување на туристите во Македонија, рече Незири.
Појасни дека по состанокот со работната група која треба да се формира, ќе биде подготвен закон кој ќе биде даден на јавна дебата и ќе претставува подобрување на туристичката клима во Македонија. Министерот нагласи дека крајна цел во стратегијата на државата е дека до 2020 година туризмот во Македонија треба да партиципира со 5 проценти од БДП.
OhridNews