Изразуваме огромна благодарност до нашите сограѓани кои безрезервно ја прифатија кандидатурата на Борис Стојаноски за носител на листата за независни советници. Листата е поднесена пред само три дена, а бројките се далеку од убедливи – за само два дена добивме над 400 потписи за поддршка на независната и аполитична листа, информираа од асоцијацијата на граѓанските еколошки организации од Охрид.

Веќе размислуваме како да ја водиме кампањата за изборите. Нашите активности во изминативе 18 години завршуваа само во медиумите, за што Ви сме многу благодарни. Немавме законска можност да ги решаваме еколошките проблеми до крај, рече носителот на независната листа, Борис Стојаноски. Тој додаде дека на ваков начин, директно на местото каде што се решаваат проблемите, еколозите ќе можат да дадат придонес, а не само да бидат декларативни.

Листата како што вели Стојаноски е составена од луѓе кои се признати во својата струка, а поддржана од доктори на наука и еколошките граѓански организации ширум Македонија.

Меѓу поддржувачите се еколошките друштва „Грашница“ и „Еко-лаг“, македонското лимнолошко друштво и туристичката асоцијација „Билјана“.

Потребните потписи ги собра и независната советничка листа чиј носител е  Никола Пулески.

„Партиските листи се диригирани од одредени челници и токму таа диригираност ме натера да поднесам независна листа на кандидати. Не сакаме да бидеме контролирани од партиските врвови“, изјави Пулески. Како што рече тој, кандидатите  од оваа листа ќе се залагаат за реално размислување зашто според него, живееме во реален свет, реално време и простор, а имаме иреални политичари кои ги гледаат интересите на одредени луѓе.

Инаку, рокот за собирање потписи за независните советнички листи истече на полноќ.

А.Р.