Штетите од големото невреме проследено со обилни врнежи од дожд, град и грмотевици, што денеска го зафати Охридскиот регион, врз земјоделските култури во Општина Дебрца се огромни, информираше попладнево градоначалникот Зоран Ногачески.

Уште сега со сигурност можам да кажам дека штетите на земјоделските култури се 100 процентни. Општината ќе ги спроведе сите стандардни постапки за пријавување на штетите, а проценка како што кажав не е ни потребна, 100-постотна е, објави Ногачески на својот фејсбук-профил.

Тој ги повика Владата и Министерството за земјоделство да обезбедат средства од Интервентниот фонд за земјоделство за обештетување на земјоделците, апелирајќи системско решавање на проблемот со осигурувањето на земјоделските култури од елементарни непогоди кои, како што забележа, поради климатските промени ќе бидат се почести.

Ова е второ големо невреме во Охридско овој месец. На 3 јуни делови од регионот беа зафатени од силно невреме со врнежи од град кои, најинтензивни беа во Љубаништа, каде дојде и до појава на свлечиште, поради што извесно време во прекин беше регионалниот пат за Св. Наум.

OhridNews