Обилни врнежи од дожд, снег и ветришта со јачина и до 80 километри на час, е прогнозата за врмето во земјава во наредниве неколку дена.
 
УХМР соопшти дека територијата на Македонија постепено ќе потпадне под влијание на циклонска активност и влажен воздушен бран кој наидува од северозапад. Попладне ќе биде облачно со врнежи од дожд кој во доцните попладневни часови ќе бидат пообилни во западните, јужните и во источните области од Македонија каде се очекува да наврне количина на воден талог поголема од 30 литри.

Ќе дува умерен до засилен јужен ветер кој доцна попладне ќе биде посилен и наместа на моменти ќе достигнува брзина од околу 80 километри на час особено во јужните области. Најниската утринска температура ќе биде од два до пет, а дневната од 10 до 18 степени.

Во Охрид  ќе биде претежно облачно со врнежи од дожд кои во ноќните часови се очекува да бидат пообилни. Ќе дува умерен до засилен јужен ветер. Најниската утринска температура ќе се спушти до четири, а дневната ќе се искачи до 15 степени Целзиусови.

Лошото време ќе се задржи до сабота кога се очекува и затоплување. Ваквата прогноза најмногу ги вознемири земјоделците кои стравуваат дека ниските температури во ноќните и утринските часови ќе го уништат плодот на овошките и насадите.