Курсевите кои се организираат во охридскиот Работнички универзитет “Кузман Шапкарев”, најчесто ги посетуваат возрасни и невработени охриѓани. Од понудените обуки, најголема е побарувачката за изучување на курсот за козметичари. Но исто така посетени се и куревите за фризери, масери и сметководство.
– Во есенскиот семестар имаме околу 40 курсисти распоредени во сите активни курсеви. Групата на една обука треба да брои најмногу 10 слушатели. Курсистите го посетуваат курсот во еден семестaр или вкупно 80 часа со предавања и пракса.По завршување на курсот, тие добиваат сертификат за одреден степен на подготвеност, по видот на обуката која ја посетувале, објаснува, Славица Ристеска, директор на охридскиот Работнички универзитет “Кузман Шапкарев”.
Цените за тримесечна обука во Работничкиот универзитет се движат од 6000-12.000 денари, а најскап меѓу нив е курсот за козметичари.
– Најголем дел од курсистите кои моментално ги посетуваат курсевите се невработени со завршено средно образование, но има такви кои имаат и факултетски дипломи, вели Ристеска. Таа нагласува дека крактеристично е тоа што поголем интерес за посета на обуките за доквалификација има кај жените и тие се почесто застапени и во есенските и во пролетните обуки.
Во пролетната сесија покрај веќе постоечките обуки, Работничкиот универзитет, за прв пат ќе организира и Курс за изработка на сувенири и накит, за кој се очекува голем интерес за изучување.